ФК Вардар

Најтрофејниот македонски клуб со 11 освоени шампионски титули.

За Македонија да победува - се роди Вардар!

На 22 јули во 1947 година се роди ФК Вардар, формирано е спортското друштво и фудбалскиот клуб, по фузијата на две спортски друштва, Македонија и Победа, со цел Скопје да добие можен спортски колектив кој масовно ќе го промовира и ќе го развива спортот.

По извршените консултации помеѓу тогашните градски фактори и раководствата на друштвата „Македонија“ и „Победа“, се дојде до заеднички заклучок, дека на Скопје му е потребен моќен спортски колектив, за масовна промоција и развој на квалитетниот спорт, а основачкото собрание се одржа во преполната сала на киното „Вардар“, со што и официјално се роди најпопуларниот македонски бренд

Основната цел со присоединувањето на дотогаш најдобрите клубови од територијата на главниот град, беше преку новосозданеиот великан, со успех да се претставува македонскиот фудбал и спортот воопшто, во рамките на тогашната Југославија. Со еден збор, преку фузионирањето на ФК Македонија и ФК Победа, се создаде ФК Вардар – за да победува Македонија!

1961-Освоен трофејот „Маршал Тито“, прва европска победа

Првиот голем успех по создавањето на нашиот клуб, беше постигнат во 1961 година, кога Вардар го освои „маршаловиот“ трофеј во Купот на Југославија. На патот до победничкиот пиедестал, „вечната“ вардарова генерација, предводена од тренерот Антал Лика и легендарниот Илеш Шпиц, извојува шест историски победи.

Големото финале се одигра на стадионот на „ЈНА“ во Белград, на 26 Мај. Вардар, благодарение на погодоците на Владо Николовски и Мирко Илиевски во второто полувреме, го совлада Вартекс од Вараждин со 2-1, по што за прв и единствен пат го освои престижниот трофеј во најмасовното југословенско натпреварување.

Како награда за постигнатиот успех, нашиот тим дебитираше и на европската сцена во Купот на Победниците на Куповите, каде бевме елиминари во првото коло, од шкотскиот Данфермлајн. Првиот натпревар на гостински терен го загубивме со високи 5-0, додека на возвратнот дуел во Скопје, со головите на Петар Шулинчевски и Томе Јакимовски извојувавме утешна победа од 2-0. Воедно тоа е првиот натпревар, на кој Вардар успеал да триумфира, во меѓународните фудбалски купови.

 

1988-Вардар одново во Европа, поминато едно коло во Купот на УЕФА

По 24 години, Вардар повторно се враќа на меѓународната сцена, освојувајќи го петото место во првенството на СФРЈ. Вардар во сезоната 1984/84 заврши со 37 бодови, еден зад Ц. Звезда, а два зад Партизан, остварувајќи скор од 16 победи, пет ремина и 12 порази со гол-разлика 67-58.

Најдобриот стрелец на Југославија, една сезона претходно, Дарко Панчев, повторно беше предводник на Вардар, постигна 20 голови во оваа сезона за враќање на меѓународната сцена и заврши како втор најдобар голгетер во првенството.

Во Купот на УЕФА прв противник на Вардар беше Динамо Букурешт од Романија, а по поразот на гостувањето со 2-1, црвено-црните го забележаа и првиот поголем успех, со троиумфот со 1-0 во Скопје на 2 октомври 1985, со гол на Грдан Здравков, црвено-црните ја минаа првата пречка. Следеше потоа дуел со Данди јунајтед и пораз на гости со 0-2 и реми дома 1-1 за елиминација од понатамошните настапи.

1987- Вардар шампион во првенството на СФРЈ

Во 1987 година, Вардар стана шампион на Југославија и е единствен клуб од Македонија кој успеал во тоа. Тимот предводен од Андон Дончевски и помошниците Методије Спасовски и Кочо Димитровски успеа да освои 38 бодови, со 15 победи и 8 нерешени средби, од вкупно одиграните 34 првенствени натпревари.
 
Во таа сезона поради лажирање на натпревари во претходната 1985/86 десет тимови во првенството почнаа со минус 6 бодови по одлуката на Фудбалскиот сојуз која што потоа беше повлечена и по судски пат титулата му беше доделена на Партизан.
 
Како признание за освоената титула нашиот клуб беше потврден како шампион од страна на УЕФА и доби прилика да се натпреварува во Купот на европските шампиони каде што во првото коло на два пати загубивме од Порто со идентични 3-0.

1992-Во првата сезона во независна Македонија освоена двојната круна

Во првата натпреварувачка сезона (1992/93), од осамостојувањето на Република Македонија, Вардар како убедливо најдобар клуб на македонската фудбалска карта, се прошета до двата трофеи на домашната сцена. На првенствената табела, нашиот клуб под водство на Ѓоко Хаџиевски заврши на челната позиција, со импресивен биланс од 27 победи, седум нерешени средби и без претрпен пораз. По одигрувањето на предвидените 34 кола, Вардар имаше 61 бод на своето салдо, дури 21 повеќе во однос на второ пласираниот Силекс.

Најдобар стрелец во прввиот државен шампионат, беше „црвено-црниот“ бомбардер Саша Ќириќ, со 36 постигнати голови, што и натаму е недостижен рекод во првата македонска лига.

Истата година, нашиот клуб го освои и првиот трофеј во Националниот Куп. Во големото финале, Вардар на Градскиот Стадион во Скопје, славеше минимална победа со 1-0 против Пелистер. Стрелец на единствениот погодок во завршницата од натпреварот, беше легендарниот Жанко Савов.

2002-Петта титула во Македонија, ЛШ избега за еден гол

Ѓоко Хаџиевски, како најтрофеен тренер во историјата на нашиот клуб, во сезоната 2002/03 го предводеше Вардар до одбраната на шасмпионскиот трон во првата лига и освојувањето на петтата првенствена титула. По 33 одиграни кола, „црвено-црните“ втора година по ред завршија на врвот со 72 освоени бодови, одново оставајќи ја зад себе струмичка Беласица. Конечниот епилог гласеше 22 победи, шест нерешени средби и само пет порази.

Откако завршија натпреварите на домашната сцена, следуваше „жешката“ летна авантура на европската сцена, каде Вардар овој пат водство на Зоран Стратев, го постигна најголемиот успех во својата историја, кога станува збор за настапите во меѓународните натпреварувања. Воедно, нашиот клуб беше првиот македонски претставник, кој успеа да обезбеди пласман во третата квалификациска рунда од Лигата на Европските Шампиони.

Најрпвин во првото коло, Вардар рутински го елиминираше Бери Таун од Велс (домашна победа од 3-0 и гостински пораз од 1-2), за потоа нашиот клуб да приреди вистинска сензација во Москва, совладувајќи ја фаворизираната ЦСКА со 2-1. Историската шанса беше искористена на возвратниот дуел во Скопје, каде успеавме да ја одбраниме драгоцената предност, ремизирајќи со 1-1.

Откако ја урна Москва, нашиот Вардар успеа да и влее страв во коски и на Прага, во двомечот против чешкиот шампион Спарта. Иако на првиот натпревар на домашен терен, пред полните трибини на Градскиот Стадион, бевме неспортски поразени со тесен резултат од 2-3, нашите фудбалери, водени од желбата за дебитантски настап во групната фаза од најелитното натпреварување, лавовски се бореа до последен атом од силите и на реваншот. Преку погодоците на Славчо Георгиевски и Чинеду Блесинг, Вардар во два наврати имаше водство на натпреварот во Прага, кој на крајот заврши со нерешен исход од 2-2.

Како награда за успешните игри во шампионската лига, Вардар ја продолжи својата „евро-одисеја“ со настап во Купот на УЕФА. Таму, жрепката сакаше да ги одмериме силите, во двомеч со екипата на Рома. Разликата во квалитетот, додје до израз уште по првите 90 минути, кои се одиграа на величествениот „Олимпико“, во Рим. Вардар во „вечниот град“ претрпе убедлив пораз од 4-0, но затоа успеа да го поправи впечатокот, на вториот меч пред домашната публика. Нашите фудбалери одиграа незаборавни против четата на Фабио Капело, иако по првото полувреме благодарение „евроголот“ на Срѓан Захариевски, имаа и минимално водство.

2017-Вардар напиша историја со настап во Лига европа

Откако претходно ја освои својата 11-та шампионска титула, најуспешниот македонски колектив стана првиот тим од Македонија кој што обезбеди пласман во групна фаза од едно европско натпреварување

2017-та година, беше најуспешна во Вардаровата историја кога се во прашање меѓународните настапи. Вардар стана прв тим од Македонија кој што успеа да се најде во групната фаза од едно европско натпреварување. Откако не успеавме во Лигата на шампионите, со елиминацијата од Копенхаген, преку плеј-офот во Лигата на Европа и преку турскиот тим Фенербахче, Вардар обезбеди учество во групите од Лигата на Европа. 

Претходно Вардар повторно ја освои шампионската титула, 11-та во историјата, а тоа значеше дека нашиот клуб повторно ќе игра во Лигата на шампионите. Титулата беше освоена со 83 поени, или 13 повеќе од второпласираната Шкендија од Тетово. Европската „одисеја“ почна со натпревар со Малме од Шведска. После 1:1 на гостински терен во Шведска, реваншот се одигра во Струмица (поради одржувањето на Супер-Купот на УЕФА на стадионот во Скопје) и Вардар го победи со 3:1. Следен ривал кон Лигата на шампионите беше Копнехаген. Вардар испушти голема шанса да се пласира понатаму откако во Скопје успеа да го совлада својот ривал со 1:0. Меѓутоа на реваншот во Данска беше 4:1 за противникот, и тоа значеше дека „црвено-црните“ продолжуваат во плеј-офот од Лигата на Европа. 

За ривал го добивме тимот на Фенербахче од Истанбул. Турскиот тим прво гостуваше во Скопје. Во одлична атмосфера, „црвено-црните“ успеаја да победат со 2:0 на првиот меч, и да го отворат патот кон групната фаза во Лигата на Европа. На реваншот во Истанбул на стартот од вториот дел Вардарци имаа негатива. Меѓутоа најпрво грузискиот интернационалец Џамбул Џигаури успеа да израмни, а нашиот капитен на таа средба Никола Глигоров, донесе водство од 1:2, што значеше дека Вардар со триумф ќе патува во групната фаза. 

Вардар се најде во последната група „Л“ заедно со Зенит, Реал Сосиедад и со Розенборг. На крајот „црвено-црните“ ќе освојат еден бод во последниот дуел со Розенборг на домашен терен. Претходно во Трондхајм кај истиот противник беа поразени со 3:1, доживеаја порази од Зенит (дома 5:0, на гости 2:1), и од Реал Сосиедад (дома 6:0, во гости 3:0). Едноставно групата беше тешка, а за Вардар ова беше прв предизвик од ваков тип. 

0
Титули во домашното првенство
0
Титули во Купот на Македонија
0
Титула во Супер купот на Македонија
0
Титула во првенството на СФРЈ